За Нас

Издавачката куќа ЕДУКА МАК е формирана во 2013 година, која со својот прв издавачки потфат - списанието за деца СМЕШКО, ги освои децата и се промовираше пред македонската публика како современа издавачка куќа, која со помош на своите соработници зачекори во создавање и издавање едукативни наслови за деца.

Подоцна создаде и други книги наменети за децата од предучилишна и раноучилишна возраст, создаде дидактички средства, методски засновани, со цел преку нивните содржини да се развива логичкото мислење кај децата, да се поттикне развојот на моторните способности, да се усвојат нови поими, сообразени со возраста.

ЕДУКА МАК е издавачка куќа за издавање на едукативни материјали и други изданија, книги за деца од предучилишна и рана училишна возраст. Тоа е нашата цел и наша задача. Мисијата на ЕДУКА МАК е ЕДУКАЦИЈА на децата од најрана возраст со помош на нови современи едукативни материјали и дидактички средства, како и прирачници што ја следат Програмата за рано учење и развој.

Создавајќи нешто ново за децата со голема страст и одлучност, тимот на ЕДУКА МАК неуморно работи на реализацијата на идеите со многу умешност и трпеливост, следејќи ги современите тенденции во издавачката дејност. Освен вработените и постојаните соработници, во процесот на создавањето и издавањето на изданијата за деца учествуваат голем број надворешни соработници.

СМЕШКО И СУПЕР СМЕШКА

Списанијата за деца СМЕШКО и СУПЕР СМЕШКА се наменети за децата од предучилишна возраст кои според својата концепција ги надминуваат досегашните традиционални форми и облици на изданија за деца и се први од ваков вид во Република Македонија. Содржините се компатибилни со новата програма РАНО УЧЕЊЕ И РАЗВОЈ и ги содржи сите аспекти (домени) од развојот на детето. Списанијата се произлезени од практиката, соединето со теоријата. Одобрени се од Министерот за труд и социјална политика за употреба во детските градинки. Списанијата излегуваат еднаш месечно во текот на една учебна година - вкупно 10 броја од Септември до Јуни.

СЛИКОВНИЦИ И БОЕНКИ

Едукативни сликовници и боенки со илустрации и римувани стихови, кои ги водат децата низ процесот на стекнување знаења, ја развиваат фантазијата, јазичната писменост и севкупниот развој на детето според основните програмски барања. Со помош на илустрациите тие го поттикнуваат когнитивниот аспект од раното учење и развој и ја развиваат и графомоторната способност кај децата. Низ хумористични илустрации и стихови со ритам и рима, сообразени со возраста на детето, се развиваат многу позитивни особини и ненаметливо се насочуваат во правец создавање на здрави навики кај децата.

ИНТЕГРИРАНИ ПРИРАЧНИЦИ ЗА ПРЕДУЧИЛИШНА ВОЗРАСТ

Едукативните интегрирани прирачници за деца од предучилишна возраст се компатибилни со принципите и аспектите на Програмата за рано учење и развој, со примена на холистичкиот пристап во интерпретацијата и анализата на содржините. Активностите се длабоко осмислени со различни илустративни и текстуални креативни решенија за интегрирање на целите и задачите од повеќе воспитно-образовни подрачја од различните аспекти на развојот на детската личност. Прирачниците се погодни за индивидуални активности на децата, за развој според индивидуално темпо и следење од страна на возрасните. Воедно даваат одлична можност за воспоставување интеракција и комуникација на релација дете - дете и дете - возрасен.

ДРУГИ КНИГИ ЗА ДЕЦА И ДИДАКТИЧКИ МАТЕРИЈАЛИ

Другите наслови наменети за децата од предучилишна и рана училишна возраст се дидактички материјали кои даваат можност на забавен начин, низ хумористични илустрации од кои детето чита, децата да стекнат знаења. Многу ситуации и проблеми се опфатени како постапки што се составен дел од детското секојдневие, а за нив многу малку се зборува. Во содржината на овие наслови се нудат повеќе креативни решенија со активности низ игра и со посочени модели на однесување. Тие се извонреден водич, но и поттик за воспитувачите и родителите за правилно воспитно влијание во развојот на децата. Квизовите се одлична можност за откривање на потенцијалите кај децата, како и за работа со талентирани деца.

ЕДУКА МАК Книжарница © 2024. UKION SHOPS